Прв роденден на нашиот квир магазин

Во март 2014 година нашата организација доби грант од PlanetRomeo Foundation за проект што оригинално беше замислен како квир магазин рубрика. Како што поминуваа месеците, сфативме дека сакаме да го однесеме проектот на следното ниво. Затоа решивме рубриката да добие сопствена веб-страница и да се придружиме на растечката листа на независни медиуми. Па така, на Меѓународниот ден на човековите права (на 10 декември 2014) го лансиравме QUEER.MK, првиот квир магазин во Македонија.

Со цел да се промени перцепцијата на јавноста за ЛГБТ заедницата и луѓето да ги прифатат различностите, уредничкиот тим на квир магазинот за своја примарна мисија си постави да го сензибилизира општеството преку промоција на еднаквост, толеранција и недискриминација. Нашите содржини се од информативен и едукативен карактер, наменети за подигнување на јавната свест за човековите права и слободи на сите граѓани, а темите кои ги покриваме се од интерес како за ЛГБТ луѓето, така и за останатите.

Некои од целите на редакцијата која работи на реализација на проектот се медиумски активизам, информирање за сите релевантни аспекти од животот на ЛГБТ заедницата, поттикнување на ЛГБТ луѓето и организациите на отворена комуникација за своите вредносни ставови и животни стилови, како и јакнење на нивната самодоверба и самопочитување. Секако не изостануваат вмрежувањето и забавата, но и соработката со другите медиуми и граѓански активисти и здруженија.

Токму на први април ја славиме првата годишнина од постоењето на нашиот квир магазин. Оваа прилика ја користиме да ви заблагодариме на сите за вашата досегашна поддршка. Следете нè и понатаму!