Кампања против хомофобијата во фудбалот

Со финансиска поддршка овозможена преку Европската програма за мали грантови на Football v Homophobia и FARE Network за проекти и активности кои го одбележуваат Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата (IDAHOT), кој се одржува на 17ти мај, Queer Macedonia во рамки на ЛГБТ месецот на гордоста (јуни) со лансирање на FvH.mk (ФУДБАЛОТ ПРОТИВ ХОМОФОБИЈАТА) ја отвори локалната канцеларија на интернационалната иницијатива против хофомофобијата во фудбалот.

Во соработка со организацијата Pride Sports која стои зад глобалната кампања, ќе се обидеме да ја подигнеме јавната свест за потребата од елеминирање на хомофобијата во фудбалот и креирање на безбедно и инклузивно опкружување за сите луѓе, без оглед на нивната сексуална ориентација или родов идентитет, како и да воспоставиме соработка со фудбалските фанови, клубови и власти во нашата земја и заедно да иницираме позитивни промени во спортот следејќи ги најдобрите практики во светот.

На веб-страницата FvH.mk веќе се достапни неколку ресурси на македонски јазик кои во иднина ќе се збогатат со нови, а тука воедно ќе бидат објавувани вестите од кампањата, како и конкурсите за мали грантови чија намена е да ја поддржи реализацијата на проектите и активностите во рамки на кампањата.

Со задоволство ги покануваме граѓаните да ја разгледаат веб-страницата, да се запознаат со нашата работа и да ни се придружат во движењето кое има за цел фудбалот да го направи безбеден и инклузивен спорт.


Queer Macedonia – Иницијатива на невладината организација Женска Алијанса за подигнување на јавната свест за ЛГБТ правата во Република Македонија преку уметнички и медиумски активизам