Црвен картон за хомофобијата!

Женска Алијанса со кампањата „Црвен картон за хомофобијата!“ месецов се придружува на илјадниците европски групи кои ја користат моќта на фудбалот за да презентираат заеднички став против дискриминацијата и да се декларираат како „фудбалски луѓе“.

Неделите на акција на ФАРЕ ги обединуваат групите од сите големини во преку 40 земји да ја спречат дискриминацијата и да ја слават различноста преку играта.

Женска Алијанса (ЖА) и ФАРЕ веруваат дека фудбалот како најпопуларен спорт на светот ни припаѓа на сите нам и истиот ги премостува сите бариери, правејќи нѐ сите фудбалски луѓе.

Помеѓу 9-ти и 23-ти октомври 2014 година, грасрут и професионалниот фудбал, вклучувајќи ги националните тимови кои играат во квалификациите за 2016 UEFA European Championship, ќе бидат инволвирани во кампањата која ќе допре до фановите ширум светот.

Во гореспоменатиот период, Женска Алијанса во соработка со медиумите ќе организира кампања насочена кон елиминација на хомофобијата и трансфобијата во спортот. Во оваа прилика организацијата ги поканува граѓаните да ја посетат и споделат со своите пријатели и следбеници на социјалните мрежи веб-страницата „Еднакви: ЛГБТ правата се човекови права“, која ги содржи најновите информации и развои на настаните во глобалната борба на ЛГБТ луѓето за еднакви права. Воедно, во рамките на квир магазин рубриката на нашата веб-страница секојдневно ќе објавуваме текстови за личните приказни и искуства на познатите фудбалер(к)и кои имаат направено каминг-аут во изминатите години.

Извршниот директор на ФАРЕ, Пиара Пауар за престојната кампања изјави:

„Неделите на акција се многу инспиративен период кога со моќта на грасрут акцијата се третираат проблемите на дискриминацијата и исклучувањето. Очекуваме преку 2000 активности со оглед на тоа дека движењето на „фудбалските луѓе“ постојано расте и можеме да сметаме на работата на организации како што е Женска Алијанса за проширување на акцијата.“

Петар Стојковиќ од ЖА вели дека кампањата има за цел да ја подигне јавната свест и разбирање за хомофобијата и другите дискриминирачки практики кон ЛГБТИ луѓето во спортот и секојдневниот живот.

„Нашиот таргет се интернет корисниците бидејќи социјалните мрежи се најчестите места за ширење на говор на омраза и нетолеранција во денешно време. За таа намена ја изготвивме „Еднакви“, информативна веб-страница која има за цел да ја подигне свеста на нашите сограѓани за човековите права на ЛГБТИ луѓето преку едукација и промоција на еднаквост и недискриминација.

Воедно, во следните две седмици Женска Алијанса во дневните написи за квир магазин рубриката на нашата веб-страница ќе стави посебен фокус на славните луѓе во фудбалот кои со своето излегување од плакарот имаат дадено личен придонес во борбата против хомофобијата и трансфобијата.

Ние како организација се вклучуваме во акцијата бидејќи цврсто и длабоко веруваме дека само со заеднички заложби можеме да ги надминеме предрасудите и стереотипите во нашата земја, да научиме едни од други да ги вреднуваме и негуваме различностите како богатство и да уживаме во нашето мултикултурно општество. Искрено се надеваме дека кампањата барем малку ќе придонесе во процесите на сензибилизација на општеството, социјална инклузија на ЛГБТИ заедницата и елиминација на дискриминацијата и насилството врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.“

Ги охрабруваме сите граѓани овој октомври да се вклучат во најголемата серија антидискриминациски активности во Европа и да помогнат во иницирањето и носењето промена преку и во фудбалот.

За повеќе информации околу Football People action weeks, појдете на www.farenet.org и поврзете се со ФАРЕ на Facebook и Twitter и не заборавајте да твитате користејќи го хаштагот  #footballpeople.