ЛГБТИ лицата и натаму граѓани од втор ред

Во извештајот за напредокот на Македонија кој вчера го објави Европската комисија се посочува дека „лезбејките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите и интерсексуалните (ЛГБТИ) лица и натаму се изложени на дискриминација и хомофобични содржини во медиумите, и на интернет и надвор од него“.

Европската комисија исто така потсетува дека „се случи шестти по ред насилен напад за време на прославата на втората годишнина од постоењето на ЛГБТИ центарот за поддршка, во кој две лица беа повредени. И покрај повиците од граѓанските организации и меѓународната заедницата за пронаоѓање на сторителите, ниеден од нападите сѐ уште не е целосно расветлен.“

Иако во досегашните извештаи беше укажувано на недостатоците во законодавството и потребата од усогласување на легислативата со онаа на ЕУ заради заштита на ЛГБТИ заедницата од дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза кои се широко распространети во нашето општество, сепак Владата и Собранието продолжуваат да ги игнорираат предизвиците и проблемите со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето во нашата земја и неколку пати потфрлија во осигурувањето еднаквост на сите граѓани.

Имено, „во август парламентот го отфрли нацрт амандманот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, чие изгласување ќе значеше забрана на каква било форма на директна или индиректна дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“.

На крајот од параграфот посветен на ЛГБТИ лицата се заклучува дека „сѐ уште има потреба од значителни напори за подигнување на свеста за и почитување на диверзитетот во општеството и спротивставување на нетолеранцијата. Ова треба да биде сторено преку јавни кампањи и обука на полициските органи надлежни за спроведување на законите, обвинителите, судиите и здравствените работници.“

НВО Женска Алијанса во следниот период ќе работи интензивирано на сензибилизација на општеството преку своите проектни активности, со фокус на медиумски активизам. Ние и понатаму остануваме отворени за соработка со сите релевантни политички чинители во нашите напори за воспоставување конструктивен дијалог и изнаоѓање решенија за горливите ЛГБТИ теми кои честопати се избегнуваат или се злоупотребуваат за меѓупартиски препукувања и за добивање политички поени кај гласачкото тело.