Словенија и Македонија против дискриминацијата

Невладините организации ШКУЦ – ЛЛ од Љубљана и Женска Алијанса од Скопје како проектни партнери во јануари 2016 година започнаа со имплементацијата на интернационалниот проект „Безбедни и еднакви: управување со недискриминација и диверзитет при вработувањето“. Дваесетмесечниот национален проект ќе се реализира во три македонски градови – Скопје, Тетово и Охрид – во текот на 2016 и 2017 година. Проектот е поддржан од Европската Унија, во рамки на Оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 (ИПА компонента IV), грантова шема „Поттикнување на социјална инклузија“.

Главните цели на проектот се промовирање активна инклузија на лицата во најслаба позиција на пазарот на трудот, зацврснување на улогата на релевантните чинители за развој на програмите за социјална инклузија при вработувањето, и подигнување на видливоста и свеста во општеството за важноста на превенцијата од дискриминација при вработувањето. Клучните активности на програмата се фокусирани на воведување на одржлив модел за управување со недискриминација и диверзитет при вработувањето, идентификација и размена на најдобрите практики во регионот и во Европската Унија. Тоа се состои од серија на курсеви за обука на невладините организации кои работат во доменот на човековите права, трудовите синдикати и работодавците од нашата држава, национална експертска трибина и интернационална конференција на тема зацврснување на граѓанскиот и социјалниот дијалог и вмрежување за еднакви можности, како и кампања за подигнување на свеста на тема диверзитет и инклузивно општество.

Во рамки на проектот, на 22 и 23 јуни во хотелот „Порта“ во Скопје се одржа семинар на тема „Мерки за заштита од дискриминација при вработувањето“ на кој присуствуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика, ССМ, како и организации од невладиниот сектор.

Татјана Греиф и Петар Стојковиќ на семинарот на тема Мерки за заштита од дискриминација при вработувањето, 22 и 23 јуни 2016 во Скопје

„Во нашата држава несомнено постои дискриминација и тоа по повеќе основи. Од нашата долгогодишна пракса во полето на човековите права можеме да кажеме дека нееднаквиот третман кон ранливите групи, особено кон жените, Ромите и ЛГБТИ популацијата, е многу честа појава во скоро сите сегменти на живеењето, вклучително и вработувањето. Од тие причини ја развивме идејата за едукативен пилот проект којшто се фокусира на воведување нови мерки за еднакви можности и пренесување на добрите практики и иновативни методи од Република Словенија во однос на управување со недискриминација и диверзитет при вработувањето. Покрај идентификација и анализа на добрите практики, проектот вклучува обуки за оние кои работат во оваа исклучително важна област“, изјави Гордана Трпчевска од Женска Алијанса.

Наташа Сукиќ од словенечката ШКУЦ ЛЛ особено истакна дека слабата имплементација на антидискриминациските мерки и недостатокот од интегриран пристап до еднакви можности се главните причини поради кои многу ранливи групи при вработување сѐ уште се изложени на дискриминација. Од друга страна, вели Сукиќ, воведувањето мерки за еднакви можности не е претерано комплициран зафат, туку низа од иницијативи кои можат релативно едноставно да се спроведат, имајќи го предвид суштинскиот услов – да постои адекватен интерес и мотивација од страна на одговорните и раководните лица.


Овој напис е изготвен со финансиска помош на ЕУ. Содржината на овој напис е единствена одговорност на НВО Женска Алијанса од Скопје и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на ЕУ.